070 367 252

ОРДИНАЦИЈА

070 243 958

ЛАБОРАТОРИЈА

Facebook

Instagram

Search
 

ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА ПРИМ. Д-Р БОРИС САМАРЏИСКИ

Примариус Д-р Борис Самарџиски Медицински факултет завршува на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје во 1959 година и со враќањето во родниот град се вработува како лекар од општа пракса во Здравствената станица ,,Македонка,, а подоцна во Општата болница во Штип. Специјалистичкиот стаж по невропсихијатрија го обавува на Невропсихијатриската клиника во Белград.

 

По завршувањето на специјализацијата во времето од 1963 до 1966 година го положува специјалистичкиот испит и се враќа на работа во Медицински центар – Штип. Тој е прв невропсихијатар во регионот на источна Македонија, а бидејќи во Медицинскиот центар не постоеше невропсихијатриско одделение тој се зафати со задача да основа таква служба.

 

За таа цел користејќи го своето искуство и искуството на поголемите здравствени организации (Неуропсихијатриска клиника) се формира службата во 1966 година која во почетокот се состоеше од поликлинички специјалистички оддел и стационар од 25 кревети. Во почетокот службата беше сместена во сегашното дерматовенеролошко одделение. Со афирмирањето на невропсихијатријата во регионот неминовно се налагаше зголемување на постелниот фонд, така да во 1973 година службата е преместена во две згради во кругот на специјална болница и расплага со 76 кревети. Тогаш невропсихијатриското одделение при Медицинскиот центар беше единствено во источна Македонија и во него се лекуваа болни од целиот регион и тоа, болните од Штип го користеа капацитетот со 40%, а додека од другите градови 60%. Особено се залагаше за современи услови, нега, зголемување на болничките легла и набавување на сите неопходни помагала за работа како што се: апарат за оксигено терапија, апарат за давање на електро шок терапија и др. Пратејќи ги достигнувањата на полето на електрофизиологијата во 1974 година го формира кабинетот за Електоренцефалографија (ЕЕГ) опремен со најсовремен 16 канален ЕЕГ апарат кој беше втор во Републиката после Невропсихијатриската клиника во Скопје. Така, денеска благодарение на упорната работа на Прим. Д-р Самарџиски центарот за невропсихијатриски болести функционира со невролошки оддел, психијатриски оддел, ЕЕГ кабинет, Психолошки кабинет и специјалистичка невропсихијатриска амбуланта во составот на Здравствен дом.

 

 

Применуваше најсовремен начини на дијагностицирање и лекување на болните во тоа време, како што се инсулинотерапија, електрошок терапија. Беше во постојан контакт со својата матична установа Невропсихијатриска клиника во Скопје било со лична посета или повремено доаѓање на професори за разрешување на тешки случаеви. За време на работењето особено внимание посветуваше на личното стручно усовршување и издигнување и тоа по пат на следење на стручна литература, организирање и посета на состаноци на невропсихијатриската секција при Лекарското друштво, посета и активно учевство на симпозиуми, семинари и конгреси. Има објавени повеќе од 30 стручни трудови во стручните медицински списанија како во Републиката така и надвор од неа. Особено се бави со проблемите на болестите на зависност, поради што има формирано и советувалиште за борба против алкохолизмот, пушењето и наркоманијата, клуб за лекување на алкохоличари. Вложуваше внимание во проучувањето и лекувањето на епилепсијата и васкуларните заболувања на мозокот.

 

Поради високиот степен на стручност на службата која беше под стручно раководство на Прим. Д-р Самарџиски во нејзе се изведуваше практичниот дел на учениците од Средното медицинско училиште во кое беше долгогодишен професор по предметот невропсихијатрија, задолжителен лекарски стаж по невропсихијатрија, а од особено обележување е што во службата можеше да се обавува специјалистички стаж на дел од специјализацијата на невропсихијатрија чиј стручен раководител на специјализантите беше Прим. Д-р Борислав Самарџиски.

 

Неуморно работеше на полето на своето стручно усовршување како и на усовршување на лекари специјалисти, така да Невропсихијатрија имаше 7 лекари специјалисти невропсихијатри, 3 клинички психолози и на поголем број на медицински сестри оспособени за работа со невропсихијатриски болни. Тој е од формирањето на службата 1966година нејзин Раководител и поради неговите стручно и организациони квалитети во 1980 година му е доделено звањето Примариус.

 

 

Поради својата долгогодишна работа Прим. Д-р Самарџиски има добиено многу признанија и благодарници од Македонско лекарско друштво, благодарници од друштвото за помош на ментално хендикепирани лица во Република Македонија и многу одликувања од страна на Републичкиот Црвен Крст во кој на неколку мандати беше нејзин член. Имаше коректен однос кон вработените во службата и Медицински центар, се залагаше за добри меѓучовечки односи на кои им даваше големо значение за успех во работата и таков беше се до пензионирањето во 1988 година.

 

Прим. Д-р Самарџиски до крајот на својот работен век како невропсихијатар работеше на стручно поле, неговиот однос према болните беше хуман и секогаш се залагаше неуморно да им помогне.