Остеопорозата е хронична болест којашто значително ја намалува виталноста, а се манифестира со намалување на густината и квалитетот на коските. И самиот збор остеопороза во буквален превод значи “порозни коски”. Губењето на коскената маса се одвива “тивко” и прогресивно, често без никакви симптоми се додека не се случи првата скршеница, најчесто на рачните зглобови, ‘рбетниот столб и колковите.
Во просек една од три жени на возраст над педесет години добива скршеница како резултат на остеопороза (повеќе отколку што има заболени од рак на дојка), како и еден од пет мажи на возраст над педесет години (повеќе отколку заболени од рак на простата). Намаленото создавање на естрогени во периодот на менопауза е еден од факторите за појава на остеопорозата кај жените.
Остеопоротичните скршеници негативно влијаат на квалитетот на живот и често резултираат со болка, губење на одредена функција (инвалидитет), а во најлош случај и со смрт. За разлика од некои болести, остеопорозата може лесно да се дијагностицира и лекува. Начинот на живот којшто е поволен за здравјето на коските и раното идентификување по пат на безбедното и безболно мерење на коскено минералната густина се клучни за спречување на првата скршеница.

Внесување на соодветни количини на калциум во согласност со соодветните препораки за исхрана, во сите периоди од животот.