Тој е тивок здравствен ризик кој може да биде смртоносен. Еве што треба да знаете за „добриот” и „лошиот” холестерол и за ризиците од кардиоваскуларни заболувања.
Холестеролот е материја која е нормална градбена компонента на секоја клетка во човековиот организам. Потребен за многу метаболни процеси, неопходен за синтеза на полови хормони, хормони на надбубрежната жлезда, потребен за синтеза на жолчни соли кои го помагаат варењето на храната, а особено на мастите, дел од молекулата на витаминот Д. На организмот му е потребна многу мала количина на холестерол за да ги задоволи своите потреби. Препорачана вредност на вкупен холестерол би требало да биде под 5 ммол/л, вредноста на ЛДЛ холестеролот помала од 3 ммол/л, а на ХДЛ холестеролот над 1 ммол/л. Присутен во поголеми количини е ризик фактор за настанување на голем број заболувања.
ЛДЛ честичките содржат холестерол кој се нарекува „лош холестерол” бидејќи честичките пренесуваат холестерол кој се депонира во ткивата и во ѕидот на крвните садови.
ХДЛ честичките се нарекуваат чистачи, а холестеролот од нив „добар холестерол”. Тие го носат вишокот холестерол од ткивата каде го има во зголемени количини и неговото повисоко ниво во крвта упатува на помал ризик за настанок на кардиоваскуларни болести.
Постојат неколку видови на лекови кои го регулираат нивото на холестерол како (статини, фибрати, смоли кои врзуваат жолчни киселини) кои имаат различен механизам на делување, делотворност како и подносливост од страна на пациентите. Правилен пристап во решавање на проблемот со високите нивоа на холестерол е комбинација од балансиран начин на исхрана и медикаментозна терапија. Лекот не треба да се прекинува самоволно или кога ќе се постигнат саканите нивоа на холестерол, тој треба да се зема постојано без прекин.
Основна цел на целокупниот пристап – примената на лекови секогаш да биде придружена со соодветни диететски препораки.