Болките се предупредување дека во телото се случува нешто непожелно. Луѓето ги доживуваат болките различно. На некои жени им се чини дека најголема болка во животот е породилната болка, други мислат дека најтешка болка е напад на камен на бубрезите. Се’ уште не знаеме да ги мериме болките како што знаеме да го измериме крвниот притисок, концентрацијата на холестерол во крвта или отпорот на дишните патишта. Кога би можело да се измери објективно (со инструмент), многу проблеми во медицината би биле разрешени.
Осознавањето на болката е комплициран процес, на него влијаат повеќе фактори: страв и немоќ, психичка потиштеност и несоница. А болката има повратно врз сите овие фактори и на тој начин може да се создаде маѓепсан круг.
Некои видови ненадејни (акутни) лесни и умерени болки можеме и самите да ги ублажиме со помош на совет од фармацевтот од аптеката или на домашниот лекар.
Кај долготрајни (хронични) болки (бавно се јавуваат, постепено се засилуваат, траат повеќе од 6 недели), секој пат бараме лекарска помош. Лекарот ќе не прегледа, ќе ја утврди причината за болка и ќе ни препише лек што најмногу ни одговара. Дури откога ке ја знаеме причината за болка, можеме и сами да си помогнеме. Веројатно секој веќе почувствувал болки во големите зглобови (рамо, колк, колено), блиску до зглобовите или во мускулите.
Кога тегобите се преодни, благи, поврзани со преголем телесен напор, напорно пешачење, работа поврзана со присилна положба на телото, дома или на работното место, со настинки или со вирусни инфекции, тогаш можеме и самите да си помогнеме.
Болките во ‘рбетот, вратот и крстот се многу честа тегоба на современиот човек. Се проценува дека 60 до 90% од луѓето во развиениот свет барем еднаш во животот почувствувале болка во крстот. Кај ненадејна (акутна) лесна и умерена болка во крстот можеме да си помогнеме сами со лековите без рецепт од Лековата домашна аптека. Препорачуваме уште и правилна положба на цврсто лежиште (положба на ‘рбетот, подложена дебела перница под колената- колената да се под прав агол, горниот дел на телото да е малку поткренат). Кај ненадејна болка повремено е препорачлива и масажа на мускулите околу ‘рбетот со лед (криомасажа), што има смирувачко дејство.