ОСТЕОПОРОЗА



Остеопорозата е хронична болест којашто занчително ја намалува виталноста, а се манифестира со намалување на густината и квалитетот на коските. И самиот збор остеопороза во буквален превод значи "порозни коски". Губењето на коскената маса се одвива "тивко" и прогресивно, често без никакви симптоми се додека не се случи првата скршеница, најчесто на рачните зглобови, 'рбетниот столб и колковите.

Во просек една од три жени на возраст над педесет години добива скршеница како резултат на остеопороза (повеќе отколку што има заболени од рак на дојка), како и еден од пет мажи на возраст над педесет години (повеќе отколку заболени од рак на простата). Намаленото создавање на естрогени во периодот на менопауза е еден од факторите за појава на остеопорозата кај жените.

Остеопоротичните скршеници негативно влијаат на квалитетот на живот и често резултираат со болка, губење на одредена функција (инвалидитет), а во најлош случај и со смрт. За разлика од некои болести, остеопорозата може лесно да се дијагностицира и лекува. Начинот на живот којшто е поволен за здравјето на коските и раното идентификување по пат на безбедното и безболно мерење на коскено минералната густина се клучни за спречување на првата скршеница.

Дијагностицирањето на оваа болест се поставува со неинвазивни и иследувања без штетни последици:

• Ултразвук на коскено ткиво

• Коскена дензитометрија;



Постојат три главни типа на остеопороза:


Идиопатска
(непозната причина), која е присутна кај децата и адолесцентите,

Постменопаузална (тип I), која се јавува обично меѓу 50 и 75 година од животот и

Сенилна остеопороза или Инволуциска (тип II), која се јавува претежно кај постарото население над 70 години.



Остеопорозата е болест која се лекува. Денес се достапни голем број на препарати со висок степен на ефикасност со чија примена ризикот од скршеници се намалува за 50% дури и по само една година од почетокот на третманот. Најпрепорачувани лекови за третман на оваа болест се бисфосфонатите кои се земаат еднаш дневно, еднаш неделно или еднаш месечно.

Калциумот е минерал кој се грижи за јачината и цврстината на коските. Возрасните имаа околу 1,2 кг. калциум во телото од кои 99% се во коскеното ткиво. Адекватно дневното конзумирање на калциум зависи од возраста и треба да биде 1000 – 1200 мг. Витаминот Д пак игра клучна улога во помагањето на апсорпцијата на калциумот од прехранбените производи, притоа овозможувајќи соодветно обновување и минерализација на коскеното ткиво и градејќи здрав имунолошки систем и мускули. Постарите се особено подложни на недостаток на витамин Д. Токму поради тоа кај лицата со дијагностицирана остеопороза вообичаено се препишуваат додатоци на калциум и витамин Д со цел да се осигура максимална ефикасност на терапијата со лекарства.


Клучни правила за одржување на здрави коски се:

• Внесување на соодветни количини на калциум во согласност со соодветните препораки за исхрана, во сите периоди од животот.

• Одржување на доволна количина на складиран витамин Д преку соодветно, безбедно изложување на сонце, адекватна исхрана или преку додатоци во исхраната.

• Разновидна и здрава исхрана која содржи соодветни количини на протеини и големи количини на свежо овошје и зеленчук, како за здравјето на коските така и за општата здравствена состојба.

• Одржување на здрава телесна тежина, бидејќи ниската телесна тежина е силен фактор за ризик од остеопороза.

• Движењето е клучно: физички вежби (пешачење, трчање, гимнастика) помагаат да се оформи цврстата коскена маса кај младите, да се задржи коскената густина кај возрасните и да се забави губењето на коскената маса кај старите лица.

• Избегнување консумација на цигари бидејќи тоа ја попречува функцијата на одредени клетки кои ги градат коските и го зголемува ризикот од скршеници.

• Избегнување прекумерено консумирање на алкохол, бидејќи високите количини на алкохол се поврзуваат со зголемен ризик од скршеници на колк и други остеопоротични скршеници.

• Користење на сол и кофеин во умерени количини, бидејќи истите предизвикуваат исфрлање на калциумот од телото, особено кога тој се внесува во недоволни количини.