ИНТЕРНА МЕДИЦИНА

КОРОНАРЕН СТРЕС ТЕСТ


 

Што е коронарен стрес тест?

КСТ е дијагностичка метода со која срцето се изложува на контролиран напор (стрес) со цел да се испита неговата способност за прилагодување кон различно ниво на оптоварување, а со тоа да го разјасниме прашањето колку добро се исхранува нашето срце. Овој тест се изведува со снимање на работата на срцето за време на брзо одење по подвижна лента.




Начин на изведба:

  • 1. На пациентот му се поставуваат електроди на градниот кош со помош на кои се снима електрокардиограм – ЕКГ, и манжетна за мерење на крвниот притисок.
  • 2. Се почнува со споро одење.
  • 3. Брзината на движење на лентата и нагибот постепено се зголемуваат, па така се има впечаток на побрзо одење по нагорнина.
  • 4. Докторот или пациентот може да го прекине тестот во секој момент доколку не е во можност да продолжи со одењето.
  • 5. По завршувањето на оптеретувањето следува фаза на одмор од неколку минути.




За кого е наменето ова испитување?

Целта на овој тест е дијагностицирање на присуство на исхемична болест на срцето, како и проценка на циркулацијата на срцето кај пациенти кои претходно прележале миокарден инфаркт, општата кардио-циркулаторна резерва на пациентот, тренираноста кај спортистите и детекција на покачен крвен притисок на напор. Тестот е индициран кај пациенти кој чувствуваат градна болка, стенокардија, диспнеја, граден дискомфорт, палпитации, прележан миокарден инфаркт, биле стентирани или имат бајпас.



Цел на тестот

Со оптоварување на работата на срцето се зголемува и неговата потреба (како мускулест орган) за проток на крв. Протокот на крвта се одвива низ артерии (коронарки) кои го обвиваат срцето. Доколку некоја од тие артерии има стеснување, се покажува на ЕКГ грамот кој се снима за цело време при изведбата на стрес тестот. Целта на стрес тестот е навреме да се откие присуство на стеснети или запушени (затнати) артерии на срцето поради чие не навремено откривање може да предизвика срцев инфаркт.