ИНТЕРНА МЕДИЦИНА

ЕХО ДИЈАГНОСТИКА




Што е ЕХОКАРДИОГРАФИЈА?

Ехокардиографија, исто така позната и како ехо преглед со ултразвук, е испитување со кое се увидува анатомскиот изглед и се снима работата на срцето преку звучни бранови. Со помош на ехокардиографијата лекарите добиваат многу важни податоци за структурата, формата и моториката на срцето. При користење на оваа дијагностичка процедура со соодветни мерења и димензии се добива една глобална слика за срцето како орган кој е сместен во средниот дел на градниот кош, опкружен со белите дробови и заштитен со коскените ребра и мускули на градниот кош.



За кој е наменета?

Вашиот доктор може да назначи ехо испитување за да ја прегледа структурата и ефикасноста на вашето срце. Тестот е потребен кај пациенти кај кои се регистрирани срцеви шумови, имаат прележан миокарден инфаркт, градна болка, стегање или печење во пределот на градите, прележана ревматска треска, вродена срцева мана.



Како се изведува?

Ехо кардиографијата ја изведува интернист или кардиолог. Се изведува во лежечка позиција или во лежечка позиција на левиот колк, се нанесува гел на водена база во пределот на градите. Со поставување на рачна сонда, со ултра високи звучни бранови се добиваат слики од вашето срце и валвули. Во оваа испитување не се користат х-зраци. Работата на срцето се гледа на монитор. Оваа метода е неинвазивна, безболна и не предизвикува контраиндикации. Нема негативни ефекти и може да се примени на рана возраст, а доколку е потребно испитувањето може да се повтори.

Ехокардиографијата овозможува увид во внатрешноста на срцето и крвните садови. Така може директно да се видат атеросклеротските промени, да се оцени протокот во крвните садови или евентуални неправилности на изгледот и работата на срцевиот мускул. Со оваа процедура можат да се откријат и дијагностицираат голем број на срцеви заболувања и да се процени понатамошниот третман и следење.