ИНФОРМАТИВНИ ТЕКСТОВИ


АЛЕРГИИ



Типови на алергии и соодветен третман
На многу лесен и едноставен начин можеме да дојдеме во контакт со алергени. Чистење, играње со милениче или едноставно излегување од дома за време на алергиска сезона може да предизвика различен степен на алергиска реакција. Оваа реакција може да настане како резултат на допирање, проголтување или инхалирање на алергенот. Кога еднаш одреден алерген навлезе во организамот, имунолошкиот систем се активира и создава антитела против соодветниот алерген.






Алергиски одговор

Алергиите се јавуваат како резултат на несоодветна имунолошка реакција на организамот против безопасен протеин од околината (алерген). Алерген специфични Т хелперни клетки (Th) играат главна улога во патогенезата на алергиските хиперсензитивни реакции. Овие клетки активираат комплексни имунолошки реакции кои водат до ослободување на потентни медијатори и зголемување на бројот на инфламаторни клетки, како резултат на што доаѓа до алергиски одговор кој води до појава на клинички симптоми на алергиско заболување.





  • Типови на алергија

    - Алергиски ринитис (алергиска реакција на полен или друга микроскопска супстанција);
    - Уртикарија;
    - Хиперсензитивна реакција како резултат на непосреден контакт со отровен бршлен и други видови трева;
    - Алергија од убод на пчела;
    - Алергија на влакна од миленичиња;
    - Алергија на латекс;
    - Алергија на лекови;
    - Егзема (атопичен дерматитис);
    - Алергија на храна (ореви, школки, разни видови на овошје, јаткасти плодови, млеко, јајца, риба, соја, итн.);
    - Алергија на сонце;



Поставување на дијагноза

Постојат неколку методи за откривање на главниот причинител на хиперсензитивната реакција, од кои најчесто применувани се кожните тестови и определување на алергени преку крв.                     
За утврдување на присуството на алерген–специфични ИгЕ антитела, почесто се преферираат кожите тестови во однос на крвни тестови поради тоа што се сензитивни, специфични, едноставни и поекономични начини за утврдување на алергијата.

Кожните тестови со убод се изведуваат со помош на мали убоди во кожата на пациентот едноставно означени, на кои места се нанесува мала количина од алергенот или негов екстракт (полен, трева, јајца, бреза итн.). Понекогаш алергените се аплицираат интрадермално во кожата со помош на игла. Вообичаени делови од телото каде се вршат тестирања се внатрешната страна од подлактицата или грбот. Во колку пациентот е алергичен на одредена супстанција во рок од 30мин. може да се визуелизира видлива инфламаторна кожна реакција. Алергиската реакција се рангира од слабо зацрвенување (слабо позитивна) до одговор сличен на убод од комарец кај посензитивните пациенти.

Исто така се применуваат и крвни алергиски тестови. Овој вид на тестирање го одредува вкупното ниво на ИгЕ антитела пресметано врз основа на количината на ИгЕ антителата во серумот на пациентите. Радио - алергосорбент тестот (PACT) се користи кога не може да се примени кожниот тест, на пример кога кожниот јадеж е значително распространет. Постојат одредени типови на лекови кои можат да интерферираат во резултатите од кожните тестови, па затоа е потребно да се прекинат неколку денови до недела пред тестирањето. Лекови кои интерферираат се: антихистаминици, трициклични антидепресиви, моноамино оксидаза инхибитори.

Третман и лекување

Од кога на пациентот му е издаден резултат каде одредени алергени му предизвикуваат хиперсензитивна реакција односно му е дијагностицирана алергија на одреден алерген, како заздравување и понатамошна превенција му е препорачано да ги одбегнува тие алергени. На пример прекинување на одреден лек, чување на милениче надвор од домашниот престој, проветрување на воздухот во просториите, одбегнување одреден тип на храна, избегнување на предмети кои задржуваат прав итн.

Алерген имунотерапија: Поради тоа што одреден тип на алергени не можат да се избегнат, понекогаш се применува алерген имунотерапија (хипосензибилизација). Со помош на оваа алерген имунотерапија може да се превенираат или во голем степен да се намалат алергиските реакции. Како и да е, алерген имунотерапијата не е секогаш ефективна. Некои луѓе и некои алергени одговараат подобро на терапијата во однос на други.

Имунотерапијата најчесто се применува за алергени како полен, куќен прав, мувла, отров од инсект. Имунотерапијата за алергија предизвикана од храна не се препорачува, бидејќи предизвикува посилни реакции и е помалку ефективна. Исто така, оваа терапија не се препорачува и за пациенти алергични на пеницилин и друг тип на лек, кој може да го избегнат. Вакцините за хипосензибилизација треба да се избегнуваат кај бремени жени, деца помали од 5 години и пациенти кои земаат бета блокатори.

Медикација

Избегнување на алергените е најдобриот начин за превенирање на алергија. Меѓутоа за голем број случаи потребна е медикаментозна терапија.
Во терапија на алергиските заболувања се применуваат: антихистаминици, бета 2 агонисти, антимускарински, бронходилататори, кромогликани и недокромил, теофилин, кортикостероиди како и антагонисти на леукотриенски рецептори.

Во колку се јават благи симптоми на алергиска реакција неопходно е да се применат антихистаминици. Доколку тие не делуваат може да се применат стабилизатори на мастоцитите или кортикостероиди. Јаки алергиски реакции како анафилактичен шок и ангиоедем бараат итен болнички третман. Бремените жени и доилки кои се подложни на хиперсензитивни реакции пожелно е да избегнуваат алергени отколку да ги контролираат со медикаменти. Во колку симптомите се многу изразени тогаш бремените жени треба да земаат антихистаминици во форма на инхалатори отколку орално. Во колку орални антихистаминици се неопходни за контролирање на симптомите во тој случај таблетите треба да се применуваат веднаш по доењето.
Ургентна алегиска состојба: Тешка алергска реакција, како анафилактичен шок бара итен третман на непосредните симптоми како ларингеален едем, бронхоспазам и хипотензија. Третманот од прв ред вклучува обезбедување на проодност на дишните патишта, одржување на крвниот притисок (хоризонтализација на пациентот, подигање на нозете), давање на инјекција адреналин. Давање на кислород исто така е од примарна важност, а корисна терапија за спречување на рецидив по примената на адреналин е и континуирано давање на антихистаминици во тек на 28-48 часа, како бавна интравенска инјекција во доза од 10-20 мг. Интравенските кортикостероиди се од секундарно значење при акутен третман на анафилакса, бидејќи имаат одложено дејство по неколку часа, но треба да се дадат за да се спречи понатамошно влошување кај тешки случаи.

НОВИ ИСПИТУВАЊА

Во просториите на нашата лабораторија се воведени нови мултипараметарски серум тест панели за квантитативен скрининг и дијагностика на алергии и автоимуни заболувања.


...повеќе